Skip to content

La vida es una tombola!

October 18, 2011

– Животна филозофија низ призмата на едно пердувче

Имаше чудна навика, односно беа тоа повеќе навики… На моменти делуваше сосема чудно. Можеби навистина беше поинаква од повеќето луѓе што ги среќаваме по улиците, или тоа беше едноставниот факт што таа грижливо го негуваше детето во себе.Воодушевувачки беше како буквално од се’ знаеше да си направи забава. Уште позачудувачко беше нејзиното делење насмевки- секогаш, секому, и кога треба, и кога не треба…На толку невин и симпатичен начин што просто те тера да се запрашаш: “Па добро, има ли воопшто момент кога не треба да поделиш насмевка…?” Да ја гледаш неа, беше како да гледаш пердувче што лета и танцува ниско над водата…Среќно, едноставно пердувче. Неговиот танц и движењата се чиста убавина, толку совршени што било што да додадете ќе ја уништите таа убавина и хармонија. Никогаш пердувчето не се грижи за правецот на своето движење, тоа е сигурно дека играјќи ќе стигне на вистинската дестинација.  Тоа е сигурно дека секоја негова дестинација е вистинска. Во спротивно, не би било пердувче…

Една од нејзините најкористени техники  за безболно справување со реалните ситуации беше инстант менување диоптер. Баш така, ги гледаше работите на поинаков начин и уживаше во тоа! Еве како изгледа еден “просечен” (кај неа нема просек, има само под и над просекот, ама така оди зборот) пердувест ден, ден што за многу други би бил сив, тмурен, обичен…Тука ги нема тие зборови, тука се’ е лесно, убаво и “пердувесто”:

Станува сабајле и уште нерасонета ја слуша најгласната комшика како се расправа со поштарот. А за што би можел толку жестоко да се расправаш со поштар во 9:00 сабајле останува неразјаснета мистерија…Сеедно, следи нејзината проекција. Дебелата жена од Том и Џери вриснува на цел глас: “Тоооооооомасссссс!!!” И почнува да брбори нешто брзо, гласно и неразбирливо. Поштарот, а.к.а. Том како што го дал Господ со една милна фаца сигурно понизно слуша неколку минути дури не му ја спрашти со трчање низ вратата. А комшиката чија фаца е и онака троа недефинирана, во нејзината меморија останува запамeтена до половина, исто како и жената од Том & Џери, со месо боја хулахопки и колоритни чорапи врз нив, топлинки и некоја сукња од дебел материјал.

Се засмејува за добро утро и продолжува понатаму низ денот со нови проекции. Излегувајќи од зградата, ги погледнува  работниците што работат на покривот и овој пат и паѓа некако жал за нив. Времето е топло, тие работат уште пред таа да стане а и кога ќе се врати дома по сите завршени обврски, тие сеуште ќе работат. Десетици мравки качени на покривите, други уште повредни мравки им додаваат греди, даски, кофи со песок; трети ги спроведуваат кофите закачени на јажиња до покривите, а само неколкумина образовани мравки, предводници на колонијата седат од страна, издаваат наредби и ги набљудуваат. Две згодни скопски мравкици проаѓаат пред зградата, на чекор од мравките-супервизори кон тесното проласче што излегува на главната улица. И додека цел Мравкоград престанува со работа, гредите остануваат на пола пат кон покривот, исто и кофите закачени на јажињата кои мируваат; најхрабрите мравки си допуштаат да искоментираат нешто копнежливо кон мравкиците, а оние со незавршено мравјо основно исказите ги поткрепуваат со едноставни и иритантни свирежи. Супервизорите само задоволно се насмевнуваат и одмерувајќи ги одзади двете мравкици, им дофрлаат на горниве: “Еее, кога ви викавме учете школо…”

Таа уште толку се расположи и продолжи да си чекори пропратена од утринското летно сонце. Се упати кон најблиската банка каде што знаеше дека работи најнељубезното суштество на планетата Земја, а сепак си газеше лесно и весело како да треба да оди во луна парк. “Ако е таа на смена, не знам дали постои таква проекција што ќе ми ги сочува нервите”- си мислеше… Среќа што никогаш нема недостиг од имагинација во нејзиното лудо главче, ниту пак недостиг на ведрина во духот. Влегува во банка и прва слика- нејзината омилена позади шалтерот, штотуку вратена од пауза со недоџвакан оброк во широката уста. Веќе се имаат запознаено, неколкупати по ред за време на минатите посети се чудеше како може да постои толку незадоволство и некултура собрано во еден човек. Ама не, овојпат не го гледа тој филм па што сака нека е! Овојпат една одвратна дебела врана седи позади шалтерот и ужасно грака мудрувајќи им на сите животинки во шумата. Нејзиниот глас е толку груб и страшен, просто да ти падне жал за неа. А пустата толку е лакома, што грабнала огромен орев и ете упорно се обидува да го пикне во уста се додека не почне да се гуши и кашла. Зашто гракање и јадење во исто време не бива…

И така, се засмеа но со искрено жалење за нереализираната врана,  сосем мудро ја стави на “ignore”. Како што среќата ги прати лудите и храбрите, во тој момент се отвори вториот шалтер и нашето пердувче се упати натаму. А таму, убава млада девојка ја услужи со насмевка. Ете така, си помисли. Конечно нешто како што треба- природно, убаво и пријатно. А кога не и доаѓа на ум никаква проекција, таа знае дека се’ е во најдобар ред…

На враќање, пред влезната врата од зградата ги поздрави работниците додека главниот супервизор и нејзината омилена комшика нешто задлабочено разговараа. Таа се насмевна и влезе дома. Ги отвори ширум прозорите, си направи кафе и се спружи на удобната фотелја уживајќи го нејзиниот омилен ритуал, кафе+книга. А денес е ден за уживање. Некој час подоцна, пушти една од нејзините плејлисти на youtube и радосно почна да си танцува во нејзин стил, на само  неколку сантиметри над подот.

http://www.youtube.com/watch?v=GnApthgw4Mo&feature=related

http://www.youtube.com/watch?v=DHzH3eiaNno&feature=relmfu

http://www.youtube.com/watch?v=0nBFWzpWXuM

Вечер е Балот на пердувите, но нема зошто да не почне да си пее и танцува уште од сега…

2 Comments
  1. Еј пробај имбед на видеата да им правиш, на самото видео на youtube ќе кликнеш шер, под линкот има embed и кога ќе го кликнеш ти се појавува кодот кој треба да го копираш и ставиш во html на постот. Лесно се прави, а не ти ги одвлекува луѓето надвор од блогот, а и визуелно е поубаво.Односно како сакаш сепак е ова чисто френдли совет 🙂 поздрав од Аеродром

  2. Да, да, на место совет! И ја мислам поубаво е, не знам зошто не ми ни текнало со постов 🙂 Фала и поздрав до аеродромци 🙂

Leave a comment