Skip to content

Камчиња

November 26, 2012

 

Нанижани без ред, прицврстени на некоја плочка,

Обоени со живи бои,

Сошиено платно,

Излиен метал на евтина жичка,

Монистра и дрво на конец што висат,

Па на нечиј врат.

 

И нечии раце вредни

Што си имаат работа со камчиња.

 

А ти гледаш само камчиња.

Камчиња во разни бои што убаво стојат на разни блузи со убави деколтеа.

И не ти значи ништо посебно она најтемното од сите,

Зошто не ги гледаш во него очите на оној…

Таа не сакаше да го нарекува идиот. Никогаш.

Не ти значи ништо ни она најтемното црвено, за нијанса потемно од виното што го пиеше тогаш. Сама. Како и секој пат кога си играше со камчиња.

 

И нема никогаш да разбереш зошто во низата недостасува едно камче.

Не, не ти го продала фалично.

 

И ќе продолжиш да раскажуваш како сакаш hand-made работи.

И таа ќе продолжи да си игра…со камчиња.

 

Image

Leave a comment