Skip to content

Да ти дојдам, a?

March 21, 2013

А што викаш јас тебе малку да ти дојдам, а?
Онака бе па и ти, најспонтано, у погрешно време скроз, ко по обичај-
да ти улетам ко кец на десетка,
ко коцка мраз да ти паднам во узото,
да добиеш малку на вкус.

Да ти скокнам на шанк кога седиш со другарите,

од нигде никаде да ти се појавам,
као Мег Рајан на Енди Гарсија што му правеше на времето,
да ти шепнам најпедeрски “Remember me”?
и уште попедерски да ти се насмевнам 🙂
за увце да те грицнам малку попатно.
Да пукнат од мака сите присутни а ние со саати да се смееме.

Да ти дојдам бе, малку само да ти дојдам…најбезобразно на свет да ти се појавам,

да ти речам:
“Злато, извини што сум малку дрска,
извини стварно, ама…дојдов!
Без “злато” впрочем, не сме до тој дел,
и мислам би ме извинил, а?
Да ти дојдам за да не си ја пеам после
“Сношти сакав да ти дојдам” од Леб и Сол или
Селимова-Желчевски имаат чинам еден симпатичен дует на иста тема,
да ти дојдам поштено, најкултурно како што ме воспитувале од дома,
да ти чукнам три пати на гради – “Добар ден- добар ден! Слободно? Аа..како за еден место имате?”
И да си поседам, да одморам малку и јас аман веќе.
Душава да си ја одморам, зборовиве да ги одморам,
Им се здосадив, здив не можат да земат!
Крај нема ова твоево викаат- пена ти фати тастатурата!
Аман веќе, аман! Св. Петар да е па не би те трпел!
Татко твој роден да е па не би те трпел!
Татко ти знае ли што куцаш, што пишуваш, со таа твоја луда глава што мислиш,а?
Дај веќе, кога ќе не запознаеш со татко ти? Нели велиш тој се’ знае??
Ги знае ли татко ти необјавените??
А и џабе ти е бе дете, џабе ти е…И моли се тој твојот да не прочита,
поарно ич нека не чита,
мислиш сака тој поезии, чуда врагови, летечки мисли, точки, запирки,
сме му потребале ние вакви од прсти твои брзи исклесани,
му потребале писма твои, детски глупости, од прошли век романтики…
Дај поарно земи спакуј се и иди му, дојди му, што сакаш прави му,
само нас остај не раат малку, мува една досадна, не не заебаај више!
Башка мислиш само ти си- зборовите ме караат бе, пуздер ме праат, да ги видиш и од мене полуди, збеснаа,
“Само ти си на светов, велиш, а? Абе не знаеш колку ве има бе алоо! Кај во уста не’ става секоја будала,
уште земавте сега ти и на тебе сличните,
абе мама расплакавте еј,
не раскостивте, на слогови, на прашинки, пуздер не напраивте,
У такаречи песни, ова песни ли се бе мајкуму…не’ деформиравте!
По копчиња, по СМС-и, по фејсбуци и блогови не лепите,
на хартија не врбувате, по меилови не праќате, си играте со нас ама како ќе ви текне,
абе не бирате еј! Некој тоа го чита будали едни недоквакани,
чукнете си ја тро глаата!
Самонаречени поети дваеспрвог века,
абе вие сте од кафана да не излезете, ко што не ни излагате,
таму да ја опраите државата и сите модерни проблеми на цивилизација да ги решите,
да одредите датум за Новиот светски поредок
па наредни 200-300 генерации ич да не му ја мислат.
Нас остајте не да дишеме малку слободно меѓу редови и пасуси! Остајте не жити вас,
жити вашите лигави љубавни причи,
жити вашите глупости,
жити Бога ако го имате,
остајте не малку кај што ни е место,
остајте не да држиме некое ниво,
да им служиме на пример на фините академици на МАНУ и ним сличните,
да им служиме на високо образованите професори и доктори на науки,
да бидеме од корист, префинети, умни и мудри,
па и ние да се дотераме малку, да видиме свет,
да видиме мазна хартија, луксузни корици да видиме
па и по некое спонзорство дајбоже да фатиме!
А вие барајте си чаре! Збеснати до немајкаде,
и пред матичар ќе завршите, и деца ќе напраите, од љубов уште појма ќе немате!
Али ти…ти…добра си ти будала!
Еве, стварно си ни драга, некако ептен…
ајде овој пат, и овој пат само-
нека ти биде,
кликај таму брзо “publish without preview”,
кликај дур не сме се предомислиле!
Верувај ни и ти еднаш, ајде, добра ти е оваа, може да иде.
Башка удобно ни е тука некако 🙂
Малку пак забега од темата, као почна на почетокот љубавна песна да пишуваш ако не ти текнува,
али добро е, еве да речеме дека за ова ќе ни должиш!
Ќе ни должиш, него како! Ќе ни должиш некое совршенство од дело,
ќе ни должиш нешто до сега невидено, нешто убаво, нешто корисно, нешто за смеење, за плачење, за чакри отварање…
како сакаш крсти го, и онака не баш се придржуваш до форми,
ама ќе ни должиш, некој ден, вети дека ќе не носиш на поубаво место!”

… Опасно е да се игра со зборови…Ама убаво е 🙂 Неописливо е. Којзнае што им имам згрешено во минатото што толку збеснаа од нигде никаде, од сопствените агли и апострофи се оштреа, партали ме направија. Ама нас таква ни е дружбата. И да, им ветив! ^_^

Leave a comment