Skip to content

Има другарки секакви!

 

Има другарки со кои се гледаш неколку пати годишно

а се осеќаш ко да не сте се виделе од завчера,

Има другарки со кои сите глупости што ги правиш

ти се чинат нормални и просто неопходни,

Има другарки со кои ги делиш сите спомени и сите рани,

дали од жмурки, журки, заљубувања и за*бувања,

Има другарки што ќе ти речат “Ти реков…”

Има и такви што ќе го премолчат,

Има другарки што ќе знаат колку грешиш и пак ќе застанат на твоја страна,

ќе си се поделат по раменици, која ангелче која ѓаволче- небитно,

Битно тука се друштво да ти прават зошто некад досадно е само своја глава на раменици.

Има другарки со кои вечно ќе се прашувате да не сте го утнале факултетот,

али Богу фала што сте се нашле таму некаде меѓу бетонски ходници и амфитеатри

па при секоја пост-дипломска средба ќе велите ок, супер е, фала, фала пуно!

Има другарки кај што не ти треба “Може ли…” и “Извини…”

Има другарки чиј осмех просто те тера на живели,

Има другарки што кога ќе ги видиш си велиш- Се’ е ОК, терај!

Има другарки што ќе те истрпат во сите можни состојби (алал вера!)

Има другарки што ќе ти кажат “Уживај, еднаш неделно ги бришам пораките од тебе” :)))

Има бре такви со кои со поглед се разбираш,

Има и видовити- знаат уште пред да ти се случи,

А има и закаснети, па ќе се појават од нигде никаде, баш во право време!

Има другарки што кога ќе ги погледнеш, Господ само знае што ви е Н.З.С.

Али ете сте и ви е убаво, па сурфате на добри бранови при секоја наредна плима.

Има бе има, има другарки секакви!

Image

D точка

 

Има еден поглед, само еден е на светот

И можда за истиот тој поглед се напишани илјадници песни

Што вриштат од радио станици дури девојки расплакани лица кријат зад нечисти прозори во такси,

Дури момци душата си ја ситнат на по 500-тки, ја диплат меѓу трета и четврта жица таму, без збор ја раздаваат, срце је моје виолина дури пее шеретски тој највисокиот,

Ради истиот тој поглед душите им се смејат на момчиња и девојки, како на дечиња тазе проодени,

Им се смејат и ечат како свадбени камбани

во пролет дури се шетаат во парк кај езерцата,

наместо бомбони на излез од матично, шеќерна волна дури јадат во последниот вагон во Луна парк.

За истиот тој поглед се напишани илјадници песни,

Во себе A- cappella испеани,

Сочувани, на листови стари пожолтени,

На сметки, на салфетки, во “драфтс”, на прва и последна страна од нечија душа, наопаку превртена.

Ради тој еден поглед сите брчки на лицето  и’ се измазнуваат на баба ми,

Станува иста како на онаа сликата урамена, девојка кога е од мене помлада,

И очите и светнуваат ѓоа два алтани од галичка носија,

За дедо ми кога раскажува.

Тој еден поглед,

Погодува точно во процепот од каде светлина прима душата,

Од каде се храни и  со светови други се поврзува

Во онаа, нека биде D-точка, D зашто така ја крстив,

Д зашто е убава буква, зашто е моја,

Е баш таму погодува тој еден поглед,

Само еден и само мој,

Кај што не ќе можат сите погледи на светот да погодат,

Кај што не ќе знаат, зашто ни до најмалата трепка нема да му се,

До најмалата трепка што не се мрда, што не дише дури ме гледа,

Додека баш во центар на D ме погаѓа.

И генерации ќе се сменат, и реки ќе пресушат,

И планети нови ќе измислат и ќе ги пронајдат,

И ружата на Малиот принц ќе мириса,

Држави нови ќе прогласат и нови азбуки,

Ќе се чудат на нашава кирилица и на стихови смотани во ворд 2007 зачувани,

а тој еден поглед ќе остане…

Ќе остане и ќе се памети,

Како што првото зборче мајка го памети,

Ќе остане…и нечија душа ќе храни

И срца ќе грее

И брчки ќе измазнува

И животи нови ќе роди

Дури бијат ѕвона и камбани,

Под некои други сонца

На некои други простори.

 

 

 

 

 

Уште една обична песна

Најобична,

од оние моите што излегуваат во чудни часови,

што се тискаат меѓу слепоочници,

што се потат и вријат, и тесно им е, сегде им е тесно,

у сред срце шутка прават небаре на журка се,

рушат се’ дури не излезат, на синуси притискаат,

не бираат, абер немаат.

Од оние, ги знаеш ти,

тие бе, тие на личен маил што ти стигаат

пошто прва беше што се претплати на

debarmaalka.wordpress.com,

прва беше што ми кажа пред 16 милиони години,

кај тебе у лифт пред тоа убавото огледало

до ден денес што постои =)

“Абе знаеш дека имаш убава уста? Машки ќе полудуваат по тебе, знаеш колку сакаат машките полни усни??”

Боже Господе, а ние пишпиљи, не знам си кое одделение,

абер немаме ни од машки ни од бакрачи.

И долго се чудев,

и онака по тебе после летаа, веќе кога пораснавме 😉

а јас не знам до кога и од себе се срамев,

нокти грицкав и смешни алишта носев- ти текнува?? 🙂

Прва знаеше бе, прва, пред и јас да дознаам,

кој ме свиѓа, кого јас свиѓам,

од што се плашам,

за што сонувам,

у кој ќе се заљубам, без кого не можам,

а без кого не сакам,

кој ќе ме заебе, кој нема да ме заборави,

се’ знаеше моја драга пророчицa,

се’ знаевме една за друга,

се’ си кажувавме,

само сами себе од време на време се заебувавме,

за поинтересно да биде,

за да има после зошто да се тешиме, да се смееме, да плачеме,

па ајде бе, беш му матер,

па ќе биде боље, ќе видиш,

– Па кога бе, кога…?? Знаеш дека цел живот така…

Знам бе знам…знам… кај мене инаку, али ете…јеби га, мора така, мора нешто,

мора некако, каде е совршено,

па дај не заебавај, дај, знаеш колку ќе се смееме на се ова за 5-6 години??

Ајде така требало да биде,

Жити мене…дај живели!

Од на баба Нада кампарито,

на таа твоја тераса што среќа уста нема па да прозбори,

па у Маракана на прозорите за воздух да не фати малку.

“Го гледаш оној?? Црна маица, не таму ма, полево…другото лево- е таму!”

– Го гледам, и?

“И ништо и, убав е!”

– И, што да му праам сега, да му пратам пољупче или да му го дадам огледалцево да види колку е убав??

“Ај ма бегај, ненормална една”

А утре вечер, што да носам??

Нееее пак, жити мене немој, не замарај,

носи го тоа лани на 1 април што го носевме ::):):)

Абе сериозна сум, знаеш дека тоа е прашање од најсериозен карактер,

само кажи што да носам и готово,

и кафе ќе ти сварам, и благо, и вечера ќе ти напраам!

Значи волку не си ме замарала од прв дечко коа фаќаше,

од Елемент коа излагавме и кај тебе кога спиев,

кога си носев маичка со гол стомак у ранец за пресоблакање

пошто ќе ме утепаше татко ми иначе!

Хахахах…ќути, коа се чекавме кај вирчето??

Жити се, тоа памтиш?

Еее, вирчето кај Наџак да го забораам?

Коа игравме тенис ко шлакнати по улици,

жива кола кога немаше низ Дебар маало,

Коа ќе дојдеше кај мене порано,

или јас ќе влезев да се туширам покасно

па со брат ми стоевте пред купатило

умиравте од смеење, стомачни праевте јас

коа пеев концерти и сама на бис коа се враќав,

тоа да забораам?

Коа се снимавме на касети,

вицеви од Војче Китановски коа слушавме,

идол коа ни беше,

на “Could I have this kiss forever”

кога пеевме као Тина Тарнер и Витни Хјустон

па после години кога ги најдовме касетите,

тоа да заборавам??

Абе ова ќе иде у јавност знаеш,

можда нема да се омажиме, али прости, бидна веќе,

а кога се ишишав оној пат сама, памтиш?

Ич неубаво кога ме ишишаа на фризер и земав сама да се поправам,

кога ми рече: “Вади ја косата од јакна бе, што ти е”, се сеќаваш??

Ааа а кога се скаравме еднаш смртно у основно, 2-3 дена муабет не правевме,

болни паднавме, ти текнува?

Кога ми даваше совет за сенешто, памтиш,

и кога не знаеше што да ми кажеш,

тоа твое: “Љ…јас те љубам!”

знаеш колку ми помогнало во животов?

И твоите мејлови сега по поново,

после секое мое publish,

знаеш како ме греат, како ме смеат?

И пак прва ме читаш, прва…на работа, со прво утринско.

И тоа твое: “Љубоморна сум му, ја да ти кажам! На сите сум им љубоморна, аман веќе, па два стиха не си ми напишала, срам да ти е, јас патам ти од кога почна да пишуваш!” :):):)

А ти ветив, од кога ти ветив- признај!

Ама јас сум човек од збор, човек од 1000 збора има да бидам ако треба! 🙂

Доста пишувам разно-разни глупости, една ќе пишам убаа, посветена,

со срценце и со сликата од шесто Б од позади залепена

и знаеш ти дека ова нема крај бе, вака…па може уште пар животи да проживееме, да се подружиме,

мислам дека не би се потрошиле, ја бар неам ништо против, ти што викаш?

Да се сретнеме онаму кај вирчето за едно 120-30 години,

еееееееееј! Каде бе, ќе ме одминеше пизда ти материна,

[восклик] уааааууфрњннуфљиу, кај си ма, каде ваква?!

У Ганза или кај Перо?

А кај мене на тераса??

-Е- таму си уште??

Да бе да, елај си, и кампари имам!

Немогуче!

Могуче! Како по дома?? Него косава ти е ко пак да ти се погодил фризерот.

Јади, јади…ќе прашаш што да носиш вечер за на тераса!

Дој ма да те гушнам луда една!

Па си пушела, на ти мастика!

Да ти ги ебам Орбитот, не се научи дека Ервејвс е мастика…

Шарап бе, дома арни? Софија шо праи?

-Софија ко Софија! Жаре добар е?

– Жаре ко Жаре! 🙂

Абе, пишуваш уште??

Ме заебаваш..?? Кој престанал?! Мама ебавам 😉 Секој ден му пишувам!

Дупиш!

Не дупам, само пишувам.

Скроз си отишла! Или конечно памет ти дојде, трето нема кај тебе!

Има!- Трета среќа! И третиот пат у Маракана те носам, слушаш? И на фризер ќе отидам претходно ако треба ебате тоа!

Хах…може и сега Маракана да ја фатиме бе, немаат кампари али ќе се снајдеме!

Продадено! Умна си ти кога сакаш! *-*

Абе…а ќе им кажеш сега дека ова е за мене?? М? Ај мааа Љ, ти не знаеш јас колку се радувам на секој твој ентер на вордпрес како се какнувам ко дете мало, десетинка да се радуваат другите среќна ќе бидеш, напрај ми го ќеифот сега! Еве, не мора слика да ставаш, не секогаш сум фотогенична, башка знам ќе ја усереш при избор, којзнае у колку саат пишуваш ноќеска…

Добро бе добро, еве иницијали може?? Иницијали како Ние Заедно, може? Ок, ај не те заебавам :):) Нов Зеланд, бива?? 😉

Нате бе Нате, Ната Злата Позлатена, Нате една единствена, Наташа од Затараковски поголемата! Е таа, Ната моја она има да чита сега, она има да се радува и од смеење да паѓа, а вие, вие има да ми простите, важи овој пат? Ајде, бидете ми така! 🙂

 

– – чекор напред и длабок поклон – –

– – тадам! – –   :-*

Да ти дојдам, a?

А што викаш јас тебе малку да ти дојдам, а?
Онака бе па и ти, најспонтано, у погрешно време скроз, ко по обичај-
да ти улетам ко кец на десетка,
ко коцка мраз да ти паднам во узото,
да добиеш малку на вкус.

Да ти скокнам на шанк кога седиш со другарите,

од нигде никаде да ти се појавам,
као Мег Рајан на Енди Гарсија што му правеше на времето,
да ти шепнам најпедeрски “Remember me”?
и уште попедерски да ти се насмевнам 🙂
за увце да те грицнам малку попатно.
Да пукнат од мака сите присутни а ние со саати да се смееме.

Да ти дојдам бе, малку само да ти дојдам…најбезобразно на свет да ти се појавам,

да ти речам:
“Злато, извини што сум малку дрска,
извини стварно, ама…дојдов!
Без “злато” впрочем, не сме до тој дел,
и мислам би ме извинил, а?
Да ти дојдам за да не си ја пеам после
“Сношти сакав да ти дојдам” од Леб и Сол или
Селимова-Желчевски имаат чинам еден симпатичен дует на иста тема,
да ти дојдам поштено, најкултурно како што ме воспитувале од дома,
да ти чукнам три пати на гради – “Добар ден- добар ден! Слободно? Аа..како за еден место имате?”
И да си поседам, да одморам малку и јас аман веќе.
Душава да си ја одморам, зборовиве да ги одморам,
Им се здосадив, здив не можат да земат!
Крај нема ова твоево викаат- пена ти фати тастатурата!
Аман веќе, аман! Св. Петар да е па не би те трпел!
Татко твој роден да е па не би те трпел!
Татко ти знае ли што куцаш, што пишуваш, со таа твоја луда глава што мислиш,а?
Дај веќе, кога ќе не запознаеш со татко ти? Нели велиш тој се’ знае??
Ги знае ли татко ти необјавените??
А и џабе ти е бе дете, џабе ти е…И моли се тој твојот да не прочита,
поарно ич нека не чита,
мислиш сака тој поезии, чуда врагови, летечки мисли, точки, запирки,
сме му потребале ние вакви од прсти твои брзи исклесани,
му потребале писма твои, детски глупости, од прошли век романтики…
Дај поарно земи спакуј се и иди му, дојди му, што сакаш прави му,
само нас остај не раат малку, мува една досадна, не не заебаај више!
Башка мислиш само ти си- зборовите ме караат бе, пуздер ме праат, да ги видиш и од мене полуди, збеснаа,
“Само ти си на светов, велиш, а? Абе не знаеш колку ве има бе алоо! Кај во уста не’ става секоја будала,
уште земавте сега ти и на тебе сличните,
абе мама расплакавте еј,
не раскостивте, на слогови, на прашинки, пуздер не напраивте,
У такаречи песни, ова песни ли се бе мајкуму…не’ деформиравте!
По копчиња, по СМС-и, по фејсбуци и блогови не лепите,
на хартија не врбувате, по меилови не праќате, си играте со нас ама како ќе ви текне,
абе не бирате еј! Некој тоа го чита будали едни недоквакани,
чукнете си ја тро глаата!
Самонаречени поети дваеспрвог века,
абе вие сте од кафана да не излезете, ко што не ни излагате,
таму да ја опраите државата и сите модерни проблеми на цивилизација да ги решите,
да одредите датум за Новиот светски поредок
па наредни 200-300 генерации ич да не му ја мислат.
Нас остајте не да дишеме малку слободно меѓу редови и пасуси! Остајте не жити вас,
жити вашите лигави љубавни причи,
жити вашите глупости,
жити Бога ако го имате,
остајте не малку кај што ни е место,
остајте не да држиме некое ниво,
да им служиме на пример на фините академици на МАНУ и ним сличните,
да им служиме на високо образованите професори и доктори на науки,
да бидеме од корист, префинети, умни и мудри,
па и ние да се дотераме малку, да видиме свет,
да видиме мазна хартија, луксузни корици да видиме
па и по некое спонзорство дајбоже да фатиме!
А вие барајте си чаре! Збеснати до немајкаде,
и пред матичар ќе завршите, и деца ќе напраите, од љубов уште појма ќе немате!
Али ти…ти…добра си ти будала!
Еве, стварно си ни драга, некако ептен…
ајде овој пат, и овој пат само-
нека ти биде,
кликај таму брзо “publish without preview”,
кликај дур не сме се предомислиле!
Верувај ни и ти еднаш, ајде, добра ти е оваа, може да иде.
Башка удобно ни е тука некако 🙂
Малку пак забега од темата, као почна на почетокот љубавна песна да пишуваш ако не ти текнува,
али добро е, еве да речеме дека за ова ќе ни должиш!
Ќе ни должиш, него како! Ќе ни должиш некое совршенство од дело,
ќе ни должиш нешто до сега невидено, нешто убаво, нешто корисно, нешто за смеење, за плачење, за чакри отварање…
како сакаш крсти го, и онака не баш се придржуваш до форми,
ама ќе ни должиш, некој ден, вети дека ќе не носиш на поубаво место!”

… Опасно е да се игра со зборови…Ама убаво е 🙂 Неописливо е. Којзнае што им имам згрешено во минатото што толку збеснаа од нигде никаде, од сопствените агли и апострофи се оштреа, партали ме направија. Ама нас таква ни е дружбата. И да, им ветив! ^_^

Aside

НАЈУБАВА МУЗИКА…

 

Прв пат по долго време знам точно се’ што сакам да кажам и пак немам доволно добар почеток!

Уште еден одличен доказ дека најубавите нешта и вистинската уметност немаат цена. Како инаку да сфатам дека она што го видовме, слушнавме и почувствувавме вечерва чинеше 150, повторувам 150 денари?? 150 денари- како 1 пијачка на пример, кај Аца шмрк Мрсниот и нему сличните, 150 денари како хамбургер од 7-ца и орбит за после плескавицата, 150 денари како такси од Карпош до Чаир… Како да го сфатам тоа освен како чист потсмев кон сами себе и шамар за освестување?

И колку беше добро со моите 24 да слушам песни дупло постари од мене и да ги уживам, да си велам, блазе си им на моите како растеле, блазе мајка ми што ја канеле на игранки на ваква, најубава музика. Ако сакаш да дознаеш нешто повеќе за некој човек или народ, само погледни каква музика сака да слуша. Цела култура се отсликува во музиката, цел ментален склоп и начин на живот. Не сум музички којзнае колку писмена. Мојата дефиниција за квалитетна музика е едноставна- музика што не удира во мозок, туку во срце и малку подлабоко. Музика што не бара алкохол, туку и самата делува многу поразорно од било која хемија. Музика како склоп од ноти во најубава хармонија, музика која гали, музика која малку и боли зошто “и сузе и смех за душу су лек…заувјек” 🙂 А тоа е правата музика. Лек за душа.

Е, една таква музика вечерва ни подарија маестро Драган Мијалковски, одличниот ревиски оркестар и маестро Кире Костов. И не е тоа само музика, тоа е чиста емоција! Или ќе му дојде на исто? 😉 Во превод – ежење, двочасовна насмевка, восхит и споени дланки за аплауз и благодарност.

А јас само се надевам и посакувам деновите на македонска музика да се претворат во години на македонска квалитетна музика, можам само лудо да се надевам дека Аца шмрк Мрсниот и нему сличните собраа доволно добра паричка за да одат малку на Бахамите и да одморат и ете, можам и ќе си земам за право да се надевам дека допрва ќе се родат нови потенцијални легенди и правилно ќе го усмерат сиот свој талент и енергија.

Малку ми е срам што во ист пасус споменувам доајени и онакви, сосем различни. Ама сами си го бараме! Никој со сила не може да ни донесе кич и да не натера да го конзумираме. Сами си плаќаме, и малку ни е! Што би рекла една твитерска умна глава- Enfant Terrible ‏@lilovacha : “Да бев богаташ ќе бев модерен Робин Худ и ќе ги откупував сите карти за настани од типот Аца Лукас во Колосеум да ми седат така дома” :-)))

Малку се тргнав од темата. Зборот ми беше- секоја чест маестро…Секоја чест!

Насамо

Се’ е полесно насамо. А се’ е поубаво во двојка.

Полесно е да му признаеш на огледалото. И повистинито. Да не се воздржуваш од викање, врискање, плачење, смеење, урлање, сите можни емоции и лудила да си ги допуштиш и да ги уживаш. Мазохистички, скроз.

Така и тогаш. Најде сила, остана прибран, разумот му беше на место, се’ беше во ред. Тогаш, кога и’ призна се’. Откако си призна себеси. Само малку му се стегна грлото. Само малку. Откако душата му се собра околу грутка песок.

А после? О, после…Беше господар во својот стан, луд господар на светот.

Викаше, пиштеше, полудуваше без воздршка, се’ да помине, се’ да преброди. Може тој тоа. Може тој се’. Само неа не можеше, не сакаше. Не сакаше да му помине и точка. Стенкаше, вриштеше па квичеше како болно маче, претајќи, збревтајќи, гребеше, како лав гребеше по станот, насекаде. Душата си ја распара и одново ја составуваше, како сложувалка, мислеше така може ќе помине. Ја расфрли, ја раздаде по комшии, по комшии што не ги ни знае во новата зграда. Што е тоа битно. Се бодеше, сам срцето си го бодеше, барем да искрвари до крај и да му помине, зошто некогаш така мора. Крвта не може да си ја смени, ама може да ја прочисти. И мора да боли. Нека го здоболи до гола коска, нека му чука срцето лудо и силно и брзо, како никогаш дотогаш, како на новороденче нека му биде. Така се чувствуваше сега. Новороденче заебано од возрасни манири. Нека му удира од гради, нека го почувствува како лудо пинг понг топче. Олово тешко. Да ги разбуди комшиите, оние истите комшии што не знаат што со неговата душа. А очите? Ги искорна и тие сами продолжија да плачат, па си ги бараше насекаде. О, како само ги бараше. Ги бараше по креветот, оној стариот каде што прв пат водеа љубов, ги бараше низ чаршафите со крв, под перницата каде што ја држеше за рака, во плакарите од кои таа упорно си ја удираше главата…Ги побара и на терасата каде што знаеше да му се сокрие, ѕирна и во огледалото и не ги најде, ја виде неа како се огледува, не сфаќајќи колку е само убава.

И знаеше, тогаш беше сигурен повеќе од било кога, па можеби за прв пат во животот рече: “Да, сигурно и конечно” наместо “Можеби и не знам до кога”. Реши да ја љуби. Е, толку било едноставно. Си рече по ѓаволите,  т.е. рече и се’ друго што може и не може да се замисли и што во титлуван превод на МТВ иде како “по ѓаволите”, и реши само да ја љуби. Толку. Без грам сомнеж, без грам воздршка, и без причина. Само ќе ја љуби до крај, без разлика каде и каков е крајот. Најискреното и најпаметното нешто што го направил во животот. Зошто друго и не знаеше. А и доволно му беше.

Ќе смислам ново “те сакам”

За некој што го заслужува тоа. Мора да постои ново “те сакам”. Не како она, толку закоравено што мириса на стари изветвени алишта што се носат од навика. За по дома.  И толку ефтино како лошо вино во пластична амбалажа што сите го делат. Непотребно и грдо. Уникатно како модерна СМС порака за верски празник. Како “Еве” на “Што правиш?” Темелно и вистинито како вест од македонски медиум, чисто како трет ден снег во Скопје, одвратно како српски турбо фолк. Не, не такво “те сакам”. Бедно и истрошено како безлична стара проститутка…”Те сакам”. Бегај бе.

Во новото “те сакам” се содржат сите неописливи нешта на кои мислиш дури го изговоруваш. И се’ она што немаш храброст да го помислиш. На новото “те сакам” не му се потребни тие два досадни збора. Не му е потребен ни синоним. Зборовите тежат, дури и кога се најискрени. Ова “те сакам” е помудро, похрабро, поискрено. Во себе ги содржи сите желби, сите спомени и визии, насмевки, радости, успеси, стравови и повторни обиди…Се’ е тука. Сета среќа и гордост, сиот грев и каење, сета убавина на овој свет, страст, копнеж и посветеност. Се’ е тука. Ова “те сакам” гали како smooth jazz во недела и мириса на јаболко и цимет. Новото “те сакам” e старото “те сакам”- она првото, детското. Длабоко, а лесно. Сеприсутно и силно. Новото “те сакам” не е за секого. И секој не е за новото “те сакам”.

A можеби сепак постои уште нешто вечно, освен промените. За некој што го заслужува тоа.