Skip to content

Камчиња

 

Нанижани без ред, прицврстени на некоја плочка,

Обоени со живи бои,

Сошиено платно,

Излиен метал на евтина жичка,

Монистра и дрво на конец што висат,

Па на нечиј врат.

 

И нечии раце вредни

Што си имаат работа со камчиња.

 

А ти гледаш само камчиња.

Камчиња во разни бои што убаво стојат на разни блузи со убави деколтеа.

И не ти значи ништо посебно она најтемното од сите,

Зошто не ги гледаш во него очите на оној…

Таа не сакаше да го нарекува идиот. Никогаш.

Не ти значи ништо ни она најтемното црвено, за нијанса потемно од виното што го пиеше тогаш. Сама. Како и секој пат кога си играше со камчиња.

 

И нема никогаш да разбереш зошто во низата недостасува едно камче.

Не, не ти го продала фалично.

 

И ќе продолжиш да раскажуваш како сакаш hand-made работи.

И таа ќе продолжи да си игра…со камчиња.

 

Image

Video

GJURO GJAKOVIC

Локал патриотизам у 05:30 a.m.
THE street.

Сакав да ти кажам

 

Еј, само сакав да ти кажам дека

ќе дојде ден кога стварно

веќе нема да биде битно

кој прв посакал, а кој посегнал

и дали тоа заедно,

нема да биде ни битно се’ што било

до пред некој месец,

нема да бидат битни никакви баналности

сега, кога се креира иднина.

 

Знаеш, и воопшто нема да биде битно

колку е згоден мојот нов колега

и што сакаат твоите бивши,

Нема  да ми смета веќе ни кога татко ти

упорно ќе прашува како готвам,

а мајка ти несвесно (читај: педерски:) ќе проверува

дали се чисти рабовите од вратите

во нашиот нов стан.

 

И нема да е битно дали ќе се венчаме

па ќе имаме деца или обратно,

нема да е битно ни колку од плановите

не ни се оствариле

зошто, ти текнува, ние бевме тие кои

зборуваа за се’ и успеваа да градат успеси

за инат на срушените соништа.

 

И нема да е битно што се’

ќе се испречи некако попатно

Зошто ние секогаш успевавме да се сретнеме

на овој или оној чуден начин,

Секогаш успевавме да се огледаме

во изразот на другиот,

Секогаш успевавме да најдеме делче од себе

таму длабоко и да си признаеме

дека сега нештото е целосно

и дека сега се’ има повеќе смисла.

 

Ете, само тоа сакав да ти кажам.

Посвета

За сите непознати патишта

што дишат под стапалата,

За секое зрнце песок

заглавено во апостолките,

За сите нови пријатели

и љубезни случајни минувачи,

За сите стари пријатели

и будали случајни минувачи,

За сите песни, јадења и места на

“To do” листата,

За секое “морам да се вратам…”

За сите насмеани шалтерци што не знаат англиски,

За чорапчињата во гумените сандали,

За секоја голтка вино,

За турското кафе,

За верните сопатници,

За чувството во сопствениот кревет

и конечно, за облаците над Скопје што можат

да побараат и друг град да му висат над глава…

Виножито

 

Виножито над Скопје.

Слики, твитови, статуси, чувства.

Чувства?! За едно виножито??

 

Но, но, но…

Тоа виножитото те потсеќа дека убаво прилега малку боја врз синилото.

Разлеана, размачкана, весела и перфектно закривена.

Убаво прилега и малку свежина во воздухот.

Зошто нема бои без свежина и дождовни капки.

Нема ѕуница без допир на сонце и вода.

Не би се створила таква убавина без допир на две нешта.

И како за инат,  нема ни начин да се допре.

Но се гледа. Од километри се гледа…

 

Нема чувства без весели бои…

Правете виножита. Убави се 🙂

 

Различни од што?

 

 

 

 

 

 

 

 

Време

 

Време, како убаво време,

Како среќно време,

Мирно, минато време,

Како време кое не можеш да го вратиш,

Како поубаво време на кое се надеваш,

Како непредвидливо време,

Како крајно безобѕирно време што постојано поминува на црвено,

И лета, просто лета и не можеш ни да го фатиш за да му пишеш казна…

 

Време како невреме,

Време кое касни кога тебе ти поминало времето,

Крајно, крајно безобразно време што се мери со брчки и спомени,

И ти се смее од секое огледало колку си немоќен.

Време- арогантно време што покажува заби секој пат кога ќе покажеш слабост,

Време, лудо време што исчезнува кога доживуваш среќа,

Време, чија димензија се губи кога се’ е како што треба,

И кое е крајно небитно кога ќе се пронајде битното…

 

Време, како 05:30 a.m.

Време, како правилно време,

Како единствено време,

Како, како убаво време…