Skip to content

Прва писмена по македонски јазик

October 2, 2011

Ова текстче е од неодамнешната архива (27.12.2010) и немајќи каде, своевремено го лупнав во facebook notes. Сега мислам дека тука му е местото 🙂 А всушност, ме фати некоја носталгија по писмените по македонски јазик кои многу ги сакав. Ми се пишуваше писмена и едноставно, си побарав тема на која би пишувала. Благодарност до Сандра ака @alexhris за понудениот наслов во наводници 🙂

“Влијанието на возрасните кои возат автомобили во Скопје врз уништување на идеалот за снегот што постои кај малите и големите деца”

           Драга учителке, да бидеме на чисто, јас не сум обично дете што пишува стандардни писмени. Овој пат сакам да го прескокнам Вашето упорно настојување на редослед со “Вовед” , “Главен дел” и  “Заклучок” во композицијата наречена писмена по македонски јазик. Па, дозволете да си почнам, терам и завршам како што сакам 🙂 Овој пат, одиме со детална анализа на Вашата тема, дел по дел обработена во неколку пасуси. Ако сум расположена, секако ќе дадам и заклучок. Ако не, сами ќе си сфатите…

          Влијанието е последица на моќ која што на возрасните понекогаш за жал премногу им е дозволена и уште по за жал,одвратно погрешно ја употребуваат…

Најголема маана на возрасните е тоа што престанале да бидат деца! А имаат многу маани, не дека не…Но друг пат за тоа, или ако дозволите усно ќе Ви одговарам за повисока оценка! Поврзано со темата, возрасните обожаваат да даваат ограничувања! Како последица на тоа што престанале да бидат деца де, нормално.. Некои од нив се ок, некои дури ги сакам, ама повеќето просто не чинат! Стварно учителке! На пример, многу ме нервира што повеќето од нив не сфаќаат дека многу повеќе можат да научат од нас децата! Зошто се замислуваат дека само тие се учители? Можат да научат на пример повеќе да уживаат во едноставните работи, повеќе да играат и да ја сочуваат безгрижноста. Е добро, сфаќам дека они се преокупирани со други работи, а тие работи во Македонија и те како се битни и знаат да бидат..да не кажам…за*бани..Месечни сметки, квази-политика и уште поквази политичари сатиричари, влијанието што погоре Ви го објаснив и што им улетува од сите страни, па знаете и сами…И Вие сте возрасна! Ама, на кој начин тоа им дава за право да ги уништуваат нашите соништа и да го потценуваат значењето на за нас битните работи, ете, како на пример снегот! Јас знам зошто снегот нив ги нервира..Пак им ја блокирал колата, ги наводенил, им ги сменил плановите, задоцниле на работа, не дај Боже им го откажале летот за Париз…Гледате, ги разбирам јас работите. Ама како тоа тие нас никогаш не не разбираат, а упорно тврдат дека се попаметни? Не знаат повеќе да уживаат во снегот, не сакаат да прават Снешко (тоа што прават Снешко за да ни прават друштво не значи и дека навистина сакаат да го прават тоа во моментот), а да не збориме кој срам ќе пукне ако направат ѕвезда или ангелче во снег, не дај Боже да се спуштат со џамбо кеса на газ од Калимеро во парк. А знаете, снегот не е само за деца. Ете, ако не го сакаат тоа, нека уживаат додека снегот паѓа, а кога ќе се уморат од набљудување на снегулките, нека се стркалаат под топол јорган..Па над топол јорган, па топол јорган на под…Е сега не знам, не ги разбирам баш овие работи со јорганот, веројатно уште сум мала…За се’ сме уште мали, посебно кога тие се уморни за објаснување!

          Автомобилите во Скопје ги има се повеќе и повеќе…Ај што ги има, да речеме дека им требаат на возрасниве, ама ги има и кога треба и кога не треба. И по трева, и на црвено, и на кратки стази, и на сите можни тротоари, замислете..и по снег! Нивните автомобили го прават снегот кафен, и тажен, и смачкан…Па се жалат дека не можеле да возат, па му ставаат сол на кутриот снег, па…што да ви кажувам! Среќа имаат децата што ги носат во парк да си играат на снегот…Навистина! А баш би било убаво да се возат повеќе велосипеди…

          Скопје е мојот град и го сакам Скопје. Скопје има(ше)(л) голема душа! Денес, со Скопје се случува сешто..Така е тоа кога е оставено на луѓето..На возрасните де! Се’ убаво што е создадено човекот може да го уништи за дел од секунда. А секако човекот знае да си ги цени и користи сопствените способности! Многу е успешен во тоа, да му е алал! А Скопје е само град, да има само уста да збори..Малку ми е тешко сега кога почнав да зборувам за Скопје…Ми поминаа стотина црно-бели слики, па оние денешниве во боја, па го замислив Скопје во иднина..Па се присетив на структурата на неговите жители..Па…па навистина не би сакала сега да продолжам за Скопје. Можеби, друг пат, во посебна тема, во друга писмена.. 🙂 Само да кажам, секогаш ќе го сакам Скопје. А мислам дека и он нема да ме заборави.

          Идеалот на децата е неуштив! Е сега, за идеалите сме чуле сешто, због идеале гину будале, и така натаму…Ама, за идеали не треба да се бори! Не ни треба да постои борба, си има друг начин..А ниедно умно дете не останало со скршен идеал или неостварени соништа! Ние искрено ги сакаме нештата што не прават среќни и веруваме во сопствените соништа, дури и кога цел свет ни се смее! Ама баш ни е гајле и многу ни е убаво да Ви кажам право!

          Големите деца ги обожавам!!! Многу сакам да си играм со нив… Смеење без причина, правење работи без причина, пеење и свиркање додека сами си одат по улица (ова ми е омилено!!!: ) па понекогаш и зборување без размислување..Сето тоа е толку убаво, природно, а несекојдневно..Сето тоа толку ме весели! Големите деца се малку поумни од малите, тие знаат да се справат и со возрасните, ама сепак..секогаш ќе останат деца и секогаш ќе ги сакам! Тие знаат да изненадуваат, знаат да се радуваат, знаат да танцуваат, знаат да уживаат, знаат да се дадат до максимум, знаат да се отворат до срж, знаат да љубат! И да, обожаваат да си играат со снегот…

*****************************************************************

          Учителке, за жал без заклучок ќе ја заклучам оваа писмена работа. Ама па и поинтересно е тоа да го направи секој сам! Без препишување! А јас треба да учам за испит…Нагло пораснав…А како би си играла со снегот…и како би се гушкала под јорган, сега, кога пораснав!


2 Comments
  1. Димитар permalink

    И ме интересира што оцена доби за оваа писмена.

    • Петка со ѕвездичка на рачето од учителката Сандра! =) Инаку уште не ме оценил некој писател или професор по македонски јазик…

Leave a reply to Димитар Cancel reply